Телевизиите на првото место како извор на информирање

0
334

Телевизиите и натаму се убедливо на првото место како извор на информации, но за разлика од декември 2014 година, кога 90 отсто од граѓаните се информирале од телевизијата, во април 2016 година тој процент е помал за 2 отсто.

Последното истражување на ИРИ покажа дека македонските граѓани за политичките настани во земјава сѐ повеќе се информираат од интернет-порталите. Ако во декември 2014 година тој процент изнесувал 19 отсто, во април годинава е 37%.

Анкетата на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) била спроведена од 19 до 25 април 2016 година.

На прашањето кој е вашиот основен извор на политичките информации, дури 37 отсто од испитаниците одговориле дека се информираат од интернет-порталите. Во јануари 2016 година тој процент бил 35%, во 2015 – 23%, а во декември 2014 година 19 отсто од граѓаните се информирале од порталите.

Во овој период (декември 2014 – април 2016) весниците се извор на информации на 12-13 отсто од граѓаните. И кај радиото нема поголеми промени – само 5 до 7 отсто од граѓаните се информираат од радиостаниците.

Анкетата била спроведена преку интервјуа лице-во-лице, на примерок по случаен избор од 1.104 македонски граѓани на возраст од 18 години и постари. Маргината на грешка не надминува плус/минус три проценти во граници на 95 проценти ниво на доверба, додека стапката на одѕив била 75 проценти.