Тенорексија, или кога тенот ќе стане зависност

0
392

Во врелата августовска вечер во Мадрид река посетители излегуваат од солариум, бидејќи дури и во сончевата Шпанија желбата да се има темен тен се претвора во зависностa – тенорексија (tanorexia).
Главниот град на Шпанија има 2.749 сончеви часови годишно, според тамошниот метеоролошки центар. Но тоа на студентката Макарена Гарсија нема да ја одврати од УВ сончањето во солариумот.

„На моето семејство тоа не му се допаѓа, ми велат дека тоа не е здраво… но тие живеат крај плажа. Јас работам во градот и исто сакам да бидам поцрнета“, вели студентката во репортажата на AFP, додека излегува од солариумот во центарот на Мадрид. И во тоа не е единствената. Хозе Мануел Родругез, шармантен 36-годишен танчар доаѓа во солариумот трипати во седмицата. Тој сака да го задржи својот исончан тен преку целата година.

Дерматологот Хозе Карлос Морено тоа без двоумење го нарекува зависност. „Постојат луѓе кои мислат дека никогаш не се доволно поцрнети“, и ги споредува со анорексичарите кои секогаш мислат дека се предебели.

Според профилот, повеќето се жени и мажи под четириесеттата кои прекумерно одат во солариум, бидејќи сакаат да имаат чоколадна боја на кожата. Салоните за сончање, односно солариумите, се појавија во САД во 1980-те години и тамошните научни и лекарски кругови веќе десет години зборуваат за новата зависност – тенорексијата.

Симптомите се слични како и кај зависноста од хероин, тврди професорот Џоел Хилхаус од факултетот за јавно здравство во американската сојузна држава Тенеси. Зависниците имаа несопирлива желба да имаат поцрнет тен, потребата за сé поголеми „дози“, чувствуваат вознемиреност кога не се „сончаат“, еуфорија, пак, кога тоа го прават , и ги нервира кога пријателите или семејството им приговараат дека тоа е штетно или оти претеруваат.

За зависниците од „исончаност“ нема специјална терапија. Доктор Хилхаус советува да се формираат групи за поддршка, слично на оние за анонимните алкохоличари.

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) во 2012 година апаратите за вештачко сончање ги класифицираше како канцерогени. Првата држава на светот којашто ги забрани солариумите беше Бразил, уште во 2009 година, а тоа пет години подоцна го стори и Австралија, земјата којашто инаку има најголема стапка меланоми (тумор на кожата) по глава на жители на светот. Според истражувањето на австралиските научници, вештачкото сончање во солариум го зголемува ризикот од меланом, најсмртоносната форма на рак на кожата, за 20 отсто./крај/мф/сн