Теренската проверка на ДИК одложена најверојатно до утре

0
345

Иако стигнаа најави дека Државната изборна комисија (ДИК) од утрово би започнала со најавуваната теренска проверка на 89.383 лица од избирачкиот список, сепак, областените анкетари најверојатно ќе започнат да одат од врата на врата од утре, откако би завршиле сите технички подготовки.

ДИК првично реши да не ги проверува гласачите кои се водат како надвор од земјава. Но, претседателот Александар Чичаковски во интервју за Алсат рече дека во комисијата има повторни консултации за проверката на над 124 илјади граѓани на привремен престој во странство, кои проверката ги исфрли како спорни гласачи.

По вкрстената проверка на базите на податоците од десет институции и МВР, утврдено е дека 1,5 милион лица имаат право на глас.

Бришењето на податоците ќе се врши по три основи, односно на барање на граѓани, на барање на политички партии и по службена должност, преку управна постапка.

ДИК рекоа и дека теренската проверка би требало да трае 10 дена до две недели, односно да завршат до 3 април. Сепак, сето точно ќе се знае откако анкетарите ќе почнат да одат на терен.

За потребите на теренската проверка е вршена обука на вкупно 80 контролори, вработени во подрачните одделенија на Комисијата. Контролорите ќе ја надгледуваат работата на 374 анкетари, кои, пак, ќе бидат придружувани од пасивни набљудувачи – претставници на четирите политички партии.

Сите анкетари на ДИК ќе носат беџ, овластување потпишано од претседателот на ДИК, а треба да се идентификуваат и со лична карта. Анкетите ќе се вршат секој ден од 8,30 до 19,30 часот.