Терористички напад во Ница, најмалку 84 загинати

0
579

Најмалку 84 луѓе се убиени, меѓу нив многу деца и странци, а близу двесте се ранети во четвртокот ноќта кога напаѓач со камион се залета во масата луѓе кои во јужниот град Ница го следеа огнометот по повод францускиот национален празник Денот на падот на Бастилја, објавија властите во петокот утрото.

Осумнаесет од повредените се во критична состојба, а повеќе десетици се полесно повредени, истакна портпаролот на министерството за внатрешни работи Пјер-Анри Бранде.

Стотици луѓе во текот на изминатата ноќ се извадени од морето, во кое скокнале барајќи спас откако во четвртокот вечерта околу 22.30 часот возач на камион кој е идентификуван како 31-годишен Французин од туниско потекло, се залета во масата луѓе и по познатото Англиско шеталиште во Ница повеќе од два километра возеше газејќи луѓе пред себе.

Тој не бил на листата на разузнавачките служби, но на полицијата ѝ бил познат по насилства и кражби. Според телевизијата iTele, при проверката не можело да биде откриена негова поврзаност со радикали. Уште во четвртокот вечерта, парискиот државен обвинител отвори антитерористичка истрага.

Полицијата и очевидци пренесуваат дека напаѓачот неколку пати пукал од пиштол пред да биде убиен од полицијата. „Во моментот кога полицајците стрелале во него, неколку пати пукал од пиштол пред да биде убиен“, изјави во петокот префектот на арондисманот и поранешен градоначалник на Ница, Кристијан Естрози.

Според друг извор, возачот на камионот пукал „од пиштол“. Покрај тоа „неисправна граната“ е пронајдена во камионот, како и „лажно оружје со долги цевки“.

Естрози, пак, претходно изјави дека возачот во камионот имал тешко оружје и експлозиви подготвени да бидат ставен во дејство. Агенцијата AFP, исто така, дознава дека во камионот имало големо количество оружје и муниција, а возилото било изнајмено во Ница неколку дена пред нападот./крај/мф/сн