Тодоров ја преживеа интерпелацијата – останува министер за здравство

0
383

Со 23 гласови „за“ и 59 „против“, Собранието пред полноќ не ја прифати интерпелацијата за работата на министерот за здравство Никола Тодоров поднесена од пратениците од опозицијата, кои бараа негова оставка.

За време на седницата која се одвиваше скоро 12 часа опозиционерите бараа разрешување на Тодоров поради, како што рекоа, повеќе смртни случаи во здавството, несоодветно и нестручно управување и системски пропусти.

Тодоров и пратениците од неговата партија, пак, ја оценија интерпелацијата како неоснована, наведувајќи ги сите проекти во кои е инвестирано во здравството во последните неколку години.  Реконструкција и изградба на здравствени објекти, набавка на современа медицинска опрема, мерки за намалување на цените на лековите, поливалентните вакцини беа само дел од проектите кои пратениците од владејачката партија ги искористија за одрбана на Тодоров.

И додека пратениците дебатираа за пропустите и проектите на Тодоров, надвор од собранието оставка од министерот за здравство побараа и активисти и група граѓани кои протестираа неколку часа пред законодавниот дом.