Тома Фила прогласен за почесен доктор на науки

0
1386

Денеска, во рамките на одбележувањето на Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, за особениот придонес во правото, адвокатот Тома Фила беше прогласен за почесен доктор на науки.

Од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола велат дека признанието за познатиот адвокат, со потекло од Битола, е заради неговиот особен придонес во областа на правото и му се доделува на денот кога се одбележува основањето на вториот македонски универзитет, кој со својот досегашен развој претставува значајна алка во синџирот достигнувања во образовната, научната и културната архитектура на современото македонско општество.

„Тома Фила е еден од најзначајните правни мислители и логичари на овие простори, кој низ адвокатската професија едуцирал многу генерации. Посебно е важно што Фила е и интимно поврзан со градот Битола, како негово родно место“, истакна на денешниот настан академикот Владо Камбовски, како претседател на Комисијата за доделување на  титулата.

„Секогаш се борев да го бранам човекот, а не кривичното дело“, нагласи адвокатот и почесен доктор на науки Тома Фила, потенцирајќи дека титулата му ја посветува на својот татко, познатиот адвокат и борец за човекови права Филота Фила.

„Мојата единствена вистинска љубов е адвокатурата. Јас никогаш не мислев, а  и сега не мислам дека адвокатурата е занимање. Адвокатурата е начин на живеење, „цел човек“, вели еден од најпознатите балкански адвокати.

Од Адвокатската заедница Битола, која е вклучена и како коорганизатор на промоцијата на книгата од Тома Фила „Завршна Реч“, велат дека доделувањето на титулата на адвокатот Фила претставува и признание за адвокатурата како дејност, а особено за Битола како град на адвокатурата.