Топлификацијата на Битола во Собрание

0
448

Собранието на Република Македонија вчера расправеше по Предлог – законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот Топлификација на Битола кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова КфВ и АД ЕЛЕМ.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески посочи дека се работи за значаен проект за граѓаните на општина Битола со кој ќе се реши топлификацијата и ќе се замени употребата на нафтата и дрвото за греење со што ќе се намалат емисиите на стаклени гасови и ќе се подобри сигурноста на дистрибутивната мрежа.

Со законот се предвидува во првата фаза да се изгради систем за производство на топлинска енергија, транспортен довод, примарна пумпно-топлинска станица во Битола, дистрибуциона мрежа во Битола и топлински подстаници, а со втората фаза треба да се изгради дистрибутивната мрежа за населбите Новаци, Могила и Логоварди.

За реализација на првата фаза ќе бидат инвестирани 39 милиони евра кои Владата на СР Германија ги обезбеди преку КфВ банката и околу седум ипол милиони евра од АД ЕЛЕМ. Рокот на отплата ќе биде 15 години со грејс период од четири години.

Пратениците од СДСМ во расправата истакнаа дека ќе го поддржат предлог законското решение бидејќи се работи за значаен проект, но според нив спорно е тоа што тој ќе се реализира со средства од заем кои ќе паднат на товар на граѓаните.

За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се работи за значаен проект со кој ќе се реши проблемот со топлификацијата во Битола, а притоа ќе се влијае и врз намалувањето на штетните материи во воздухот. Тие посочија дека во цената на самиот проект се вклучени и приклучоците за основните училишта, за јавните претпријатија и за граѓаните.