Топлинскиот бран Луцифер ја пржи Европа

0
759

Десет земји од јужна и централна Европа прогласија црвена тревога откако во топлинскиот бран „Луцифер“ температурите се зголемија над 40 степени, а научниците предупредуваат дека екстремната топлина би можела да убива 152.000 луѓе годишно до 2100 година.

Италија, Швајцарија, Унгарија, Полска, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Србија прогласија црвена тревога, објави денеска европската мрежа Метеоаларм.

Славната галерија Уфизи во Фиренца беше привремено затворена во петокот откако се расипа системот за климатизација на музејот, објави новинската агенција АНСА.

Грција, Шпанија, Бугарија, Франција, Македонија, Словачка и Молдавија прогласија портокалова фаза за да предупредат на можноста за влошување на временските услови.

Најмалку две лица загинаа од топлината, едно во Романија и едно во Полска, објави Ројтерс, додавајќи дека многу повеќе луѓе се однесени во болница поради сончев удар.

„За два часа додека бев на смена денес видов четири лица како се онесвестуваат на улица и се жалат на топлинска исцрпеност“, изјави за Ројтерс машиновозач од Белград.

Властите во Србија, Босна, Македонија и Хрватска ги советуваа луѓето да останат во затворен простор за да ја избегнат топлината, при што се очекува температурите следната недела да останат околу 40 Целзиусови степени.

Рекордно високите температури ја погодија и Хрватска, а на аеродромот во Сплит се забележани 42 степени, со што се урна претходниот рекорд од 40 степени во 2015 година.

www.mkd.mk

Без коментари