TPP: Пратениците гласаа против Обама

0
167

Демократите во Претставничкиот дом му нанесоа удар на американскиот претседател Барак Обама отфрлајќи да го прифатат законот за помош на работниците кои би биле погодени со светската конкуренција од договорот за слободна трговија за подрачјето на Азија и Пацифик (TPP).

Прифаќањето на овој текст од процедурални причини е предуслов за прифаќањето на законот за „забрзана процедура“ која е потребна за брзо склучување на големиот договор за слободната трговија на подрачјето на Азија и Пацифик, а токму овој закон е предмет на несогласувања, коментира агенцијата AFP.

И покрај тоа што претседателот Барак Обама во петокот наутро по американско време дојде на Капитол, за да одржи говор и да побара поддршка, пратениците законот за помош на работниците го поддржаа со126 гласови, а 302 гласаа против. Истовремено тесно ја изгласаа „забрзаната процедура“ со 219 гласови „за“ и 210 „против“.

По гласањето, на кое на претседателот Обама грбот му го завртеа и пратениците од неговата Демократска партија, тој ги повика да размислат.

Сегашниот закон наречен TAA (Trade Adjustment Assistance), е конципиран за да им помогне на 100.000 американски работници коишто ги губат работните места поради трговските договори.

„Го повикувам Претставничкиот дом да го прифати ТАА без одложување, за да можат повеќе работници од средната класа да добијат можност да учествуваат и успеваат во глобалната економија“, рече Обама откако и демократите и републиканците одбија да ја обноват помошта за работниците. За законот сега мора да се расправа со Сенатот.

Најголем отпор на Обама му дават неговите демократи, бидејќи сметаат дека договорот за слободната трговија им нанесува штети на американските работници. Претставник на еден од најголемите американски синдикати ја поздрави постапката на пратениците. „Претставничкиот дом ја направи вистинската работа, изјави Ричард Трамка, претседател на синдикатите AFL-CIO, пренесува DPA.