Трамп опасно ѝ се приближи на Клинтон

0
244

Најверојатната демократска кандидатка на ноемвриските американски претседателски избори Хилари Клинтон и републиканскиот кандидат Доналд Трамп речиси се изедначени според последното истражување на јавното мнение објавено во средата, откако претходните анкети покажуваа дека поранешната прва дама и државна секретарка има двоцифрена предност.

Истражувањето што го спровел универзитетот Квинипек покажува дека Хилари Клинтон има 42 отсто од гласовите, додека Доналд Трамп има 40 отсто од гласовите. Преостанатите 18 проценти се поделени меѓу оние кои сакат да го дадат својот глас за некој друг кандидат – 6 отсто, оние кои одбиваат да гласаат – 5 отсто и оние кои не се решиле – 7 отсто. Маргината на можна грешка изнесува 2,4 отсто.

Предноста којашто ја имаше Клинтон се намалила од последното истражување на јавното мнение спроведено од истиот универзитет објавено на 1-ви јуни, кога Клинтон имаше 4 отсто повеќе гласови од њујоршкиот милијардер. Процентите се многу поизедначени отколку што покажуваше анкетата на телевизијата ABC News и весникот The Washington Post во неделата според која Клинтон имаше предност од 12-процентни поени.

Истражувањето на Квинипек, спроведено на 1.610 избирачи покажува дека 61 отсто од испитаниците мислат дека изборите на 8-ми ноември 2016 година го зголемуваат нивото на омразата и предрасудите во САД, две третини сметаат дека одговорноста лежи во таборот на Трамп, додека 16 отсто за тоа сметаат дека е виновен типот на кампањата на Клинтон.

Во истата анкета 58 отсто сметаат дека Хилари Клинтон е подобро подготвена за претседателската функција од Доналд Трамп, за кого позитивно мислење во овој сегмент имаат 33 проценти. Но испитаниците сметаат дека претприемачот е подобро подготвен за отворање работни места – 52 отсто, наспроти 40 отсто за Клинтон. Во Трамп повеќе доверба, од 52 отсто, имаат испитаниците по прашањето за подготвеноста да се справи со џихадистите од Исламската држава, наспроти Клинтон – 39 отсто./крај/мф/сн