Трамп: Враќањето на Крим на Украина ќе предизвика трета светска војна

0
584

Кандидатот на Републиканската партија за претседателските избори во САД, Доналд Трамп, изјави дека доколку САД се обидат со сила да ѝ го вратат Крим на Украина, тоа може да доведе до избувнување на трета светска војна.

Тој ова го изјави вчера на средба со негови симпатизери во градот Колумбус во Охајо, пишува весникот „Политико“.

Милијардерот со ова реагираше на претпоставките на некои медиуми, по неговото интервју за телевизијата Еј-би-си дека тој не е во тек со настаните во Украина, односно изразија сомневање дали Трамп знае дека Крим влегов во составот на Русија.

– Знам со сигурност. Тоа се случи пред околу две години, така? – одговори Трамп.

Тој појасни дека во интервјуто изјавил: „Русија не се осмелува да влезе во Украина“, а водителот посочил „Таа е веќе во Украина“, на што тој одговорил: „Да, добро тоа се случи пред две години. Дали сакате да ги вратите работи назад? Сакате да предизвикате трета светска војна за ѝ да го вратите Крим на Украина?“.

Во интервјуто за Еј-би-си Трамп изјави дека народот на Крим направил избор во корист на Русија и оти САД тоа треба да го имаат предвид.

На прашањето дали е подготвен да го признае Крим за дел од Руската Федерација, Трамп одговори: „Ќе ја разгледаме таа можност“.

Трамп истакна дека за САД е корисно да ги подобрат односите со Русија со цел да се успее во борбата против Исламска држава.

Според него САД „поради кусогледост сами ја турнале Русија кон Кина“.

Тој пред избирачите во Охајо исто така изрази стравување дека ноемвриските избори може да бидат наместени и фалсификувани и истакна дека кандидатот на демократите Хилари Клинтон е „ѓавол“, а нејзиниот соперник од редовите на демократите Барни Сандерс „склучил договор со ѓаволот“.

– Стравувам дека изборите ќе бидат нечесни – додаде тој.

Трамп сепак не прецизираше какви измами очекува.

– Републиканците треба да бидат внимателни, бидејќи овие избори може да ни бидат украдени – додаде милијардерот.

Тој ова тврдење го изнесе по првите сомнежи дека демократите го наместиле нивниот систем за избор на претседателски кандидат со цел Клинтон да го победи Сандерс.

Клинтон не сакаше да ја коментира оваа изјава на Трамп