Три млрд евра за Турција и отворање на поглавјето 17

0
303

Европската унија и Турција во неделата на самитот во Брисел постигнаа договор за сузбивање на приливот на мигранти, што подразбира помош од Унијата за Анкара, активирање на преговорите за членство и можност за воведување на безвизен режим од следната есен.

„Нашиот договор пропишува јасен план за благовремено повторно воспоставување на ред на нашите заеднички граници“, рече претседателот на европскиот совет Доналд Туск на заедничка прес конференција со турскиот премиер Ахмед Давутоглу и претседателот на европската комисија Жан-Клод Јункер.

Турција, со исполнување на сите критериуми, може да очекува воведување на безвижен режим до октомври 2016 година, пренесе агенцијата Ројтерс.

„Брисел будно ќе го следи најмалку еднаш месечно напредокот на Турција“, наведе Туск.

Давутоглу истакна дека „ова е историски ден и историски состанок, прв од ваква врста за последните 11 години“.

„Никој не може да пружи гаранции што се однесува до сириското прашање, не знаеме што ќе се случува таму, но можам да ве уверам дека Турција ќе ги исполни сите ветувања од заедничкиот план. Нашата намера е со ЕУ да спречиме нов бегалски бран од Сирија и да се реши постоечката бегалска криза“, рече Давутоглу.

„Овие три милијарди евра ќе бидат потрошени на бегалците во Турција, тоа не се пари за Турција“, рече Давутоглу.

Германската канцеларка Ангела Меркел, по самитот ЕУ-Турција, соопшти дека оваа година ќе биде отворено поглавјето 17 во преговорите со Анкара, а доколку бидат исполнети постојните услови ќе дојде до забрзување на либерализацијата на визниот режим.

Според Меѓународната организација за миграции (ИОМ), во Европа оваа година влегле речиси 900.000 лица кои бегаат од судири и сиромаштија на Блискиот исток, Африка и Азија. /крај/