’Трипл дабл’ на Леброн за брејк на Кливленд

0
163

Леброн Џејмс забележа ’трипл дабл’, а екипата на Кливленд победи по едно продолжение со 95:93 на теренот на Голден Стејт и го израми резултатот во финалната серија, во НБА лигата, на 1-1.

Натпреварот во регуларниот дел заврши со резултат 87:87, а Леброн имаше учинок од 39 поени (11-35 од поле), 16 скокови и 11 асистенции. За Леброн ова беше петтиот ’трипл дабл’ во финалните серии.

Инаку мечот го реши Метју Делаведова кој на четири секунди до крајот на продолжението два пати беше прецизен од линијата за слободни фрлања, откако претходно забележа офанзивен скок по што беше фаулиран.

Покрај тоа Делаведова, кој во стартната петорка го замени повредениот Кајри Ирвинг, одигра одлична одбрана врз Стеф Кари, кој веројатно го одигра најлошиот меч во кариерата (5-23 шут од поле, 2-15 за три поени и шест загубени топки).

Кливленд можеше и во регуларниот дел од мечот да стигне до победата но во последните три минути Леброн и тимот испуштија предност од 11 поени.

Покрај Леброн кај Кливленд се истакнаа уште и Мозгов (17 поени, 11 скокови) и Џеј Ар Смит (13 поени).

Голден Стејт го предводеше Клеј Томпсон со 34 поени и асистенции, а Дрејмон Грин имаше по 10 поени и скокови.

Наредниот меч, трет во серијата се игра во среда наутро, а домаќин ќе биде Кливленд.