Тројца Европејци водат во трката за генерален секретар на ОН, Срѓан Керим не е меѓу нив

0
209

нтонио Гутереш од Португалија е главен фаворит за наследник на генералниот секретар на Обединетите нации, а по него е бившиот словенечки претседател Данило Турк, по вчерашното прво тајно гласање во Советот за безбедност. Македонецот Срѓан Керим го дели четвртото место.

Според резултатите, вели Ројтерс, Бугарката Ирина Бокова, генерален директор на УНЕСКО, е на третото место, исфрлајќи ги бившиот министер за надворешни работи на Србија Вук Јеремиќ и бившиот македонски министер за надворешни работи, Срѓан Керим, кои го делат четвртото место во трката за замена на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, чиј втор мандат истекува на 31 декември.

Поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк, која ја раководи Програмата за развој на ОН, е петта, а по неа се словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, аргентинската министерка за надворешни работи Сузана Малкора и поранешната шефица на ОН за климатските услови Кристијана Фигуерес од Коста Рика.

Бившата министерка за надворешни работи на Молдавија, Наталија Герман, е на 10-то место, а по неа се министерот за надворешни работи Игор Лукшиќ и поранешната хрватска министерка за надворешни работи Весна Пусиќ.

На неофицијалното тајно гласање 15-те членки на Советот за безбедност во четвртокот (21 јули) имаа три опции: да се охрабри, да се обесхрабри или да не се изрази никакво мислење за некој од 12-те кандидати. Сепак, ова е само првиот чекор од постапката.

По тајното гласање следуваа серија состаноци зад затворени врати, во кои секој од 12-те официјални кандидати, кои се номинирани од нивните влади, им беше претставен на членовите на Советот и одговараше на прашања.

Гутереш, кој 10 години беше висок комесар на ОН за бегалци, добил 12 гласа на „охрабрување“, нула „обесхрабрување“ и 3 гласа „без никакво мислење“. На второ место е Данило Турк, поранешен претседател на Словенија, со 11 гласа на „охрабрување“, 2 на „обесхрабрување“ и 2 „без мислење“. На третото место е Ирина Бокова од Бугарија, која е генерален директор на УНЕСКО. Таа добила 9 гласа на „охрабрување“, 4 на „обесхрабрување“ и 2 „без мислење“. Вук Јеремиќ, поранешниот министер за надворешни работи на Србија, добил 9 гласа на „охрабрување“, 5 на обесхрабрување и 1 „без став“, вели порталот Јурактив.

www.mkd.mk