Труење во гевгелиско

0
344

Со ешерихија коли, бактерија од фекално потекло, се заразиле жителите од три гевгелиски села, бидејќи водата за пиење од водоводот била контаминирана. 120 луѓе, жители на селата Стојаково, Селемлија и Богородица, викендов побарале медицинска помош поради болки во стомакот. Девет од нив биле хоспитализирани, а двајца се уште се во болница. Во овие три села живеат околу три илјади граѓани.

Водата од водоводниот систем во овие три села е забранета за пиење, а здравствените власти не знаат дали по дефектот на водоводната мрежа ЈКП „Комуналец“ од Гевгелија извршил задолжително хиперхлорирање на водата.

„Од 120 лица кои тогаш побарале лекарска помош, а гравитираат кон овие три села, 38 биле препратени во Гевгелиската Болница со средно и тешка симптоматологија , девет биле задржани, а две лица се уште се хоспитализирани. Тие се жалале гадење интензивно повраќање, болки во стомакот, течни столици со интензитетот во првите часови од 5-6 столици и опасност од дехидрација“, вели д-р Сашко Олумчев, епидемиолог и раководител на подрачна единица на Центарот за јавно здравје Велес-Гевгелија.

Центарот за Јавно здравје Велес утврдил дека жителите од трите села се заразиле од водата во заедничкиот водовод, по што веднаш е наложено да се хиперхлорирање на водата за пиење.