Царината заплени 243 литри домашна ракија

0
259

Повеќе тимови од царински службеници денес извршија контрола на продажбата на акцизна стока на повеќе зелени пазари, како и во малопродажни и угостителски објекти на територијата на Битола, Кичево и Прилеп, при што неправилности се откриени во 12 случаи и привремено се задржани вкупно 251 литар алкохолни пијалоци, од кои 243 литри домашна ракија и 8,3 литри други алкохолни пијалоци.

Поконкретно, на зелените пазари во Битола, Кичево и Прилеп се откриени седум случаи на нелегална продажба на алкохол, при што привремено се одземени 219,5 литри домашна ракија и 5,5 литри коњак. Контрола е извршена и во 22 угостителски објекти, а во пет од нив е откриена нелегална продажба на алкохол и притоа се запленети 23,3 литри ракија и 2,8 литри други алкохолни пијалоци – узо, ликер и џин.Kontrola na banderoli 04 m

Сите привремено задржани алкохолни пијалоци воопшто не биле означени со контролни марки, ниту поседувале било каков сертификат за квалитет, а се нуделе на продажба. Против прекршителите Царинската управа презема соодветни мерки.

Царинската управа во соопштението апелира на внимателност на граѓаните, затоа што консумирањето неиспитани, потенцијално неисправни алкохолни пијалоци неозначени со контролни марки претставува сериозен ризик по здравјето и животот на луѓето.
Во вторникот во соседна Србија, на пример, едно лице почина, а шест беа хоспитализирани во болницата во градот Чачак, поради труење од ракија, правена во домашни услови како мелем за реума во која ставиле разновидни билки.