Целосен бојкот ако нема нов датум за избори

0
420

Нов датум за избори, бојкот на изборите ако датумот за избори остане 24-ти април, одложени оставки на министрите и дополнителните заменици министри на СДСМ, и учество на опозицијата во Собранието, работните групи и ДИК до 24-ти февруари со цел да се завршат обврските од Пржино, и Македонија на нов датум да оди на кредибилни избори.

Ова се заклучоците на Централниот одбор на СДСМ кои ги презентираше лидерот на опозицијата Зоран Заев. Тој вели дека остануваат конструктивни и даваат шанса по 24-ти февруари, кога треба да се распушти Собранието, да се смени датумот за избори и да се создадат услови за сите партии да учествуваат на фер и демократски избори.

Доколку до 24-ти февруари се распушти Собранието и има избори на 24-ти април, опозицијата ќе ги напушти сите институции и нема да оди на избори на 24-ти април.

„Без прочистен избирачки список нема кредибилни избори, без регулација во медиумската сфера нема кредибилни избори – затоа СДСМ на избори без овие услови не оди. Ако изборите останат на 24-ти април, тие нема да се кредибилни“, изјави Заев.

Лидерот на СДСМ не сакаше да ја коментира утрешната седница на Советот на јавни обвинители на која на дневен ред е работата на Катица Јанева, а во однос на меѓународниот притисок кој се најавува кон опозицијата, рече дека СДСМ и меѓународниот фактор имаат иста цел – избори признаени од сите, и на кои сите ќе учествуваат.

Дел од членовите на ЦО бараа бојкотот да почне уште вечерва и министрите на СДСМ да ја напуштат Владата, а пратениците Собранието.

Сепак, на крајот ЦО едногласно одлучи да остане во процесот од Пржино до 24-ти февруари.