Црна Гора гласа на парламентарни избори

0
275

Граѓаните на Црна Гора гласаат денеска на парламентарните избори, четврти по ред од прогласувањето на независност, објави агенцијата Хина. Ова гласање се смета за своевиден референдум за и против членството во НАТО и Европската унија.

Право на глас имаат 530.840 граѓани кои треба да изберат 81 пратеници од 17 кандидатски листи.

На сите досегашни избори Демократската партија на социјалистите на премиерот Мило Ѓукановиќ заработи убедлива победа заедно со коалициските партнери – социјалдемократите и некои партии на малцинствата.

Оваа година, ситуацијата ќе остане неодредена до последен момент поради силната опозиција, која според владејачките структури е финансирана од Москва и од руски, српски и црногорски олигарси. На изборите учествуваат два опозициски блока – Демократски фронт и коалиција „Клуч“.

Аналитичарите предвидуваат дека во случај на пораз на владејачката коалиција, земјата ќе направи остар пресврт во надворешната политика и тоа може да предизвика национализам, внатрешен притисок, нестабилност и ширење на кризата во регионот.