Црна Гора, Хрватска и Македонија ги сакаме како Папуа Нова Гвинеја

0
430

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ изјави за телевизијата Н1 дека Црна Гора, Хрватска и Македонија ги почитува како соседи, но дека ги сака како Папуа Нова Гвинеја.

„Ние ве почитуваме како соседи, но не сакаме да кажеме дека ве сакаме. Зошто? Кој ви вели дека ве сака, тој лаже. А утре ќе ве мрази. Ве сакаме како Папуа Нова Гвинеја. Тоа важи и за Црна Гора и за Македонија. Би плукнал врз себе кога би кажал дека сте прекрасни. Но ние подобри немаме. Какви и да сме, ајде да живееме заедно“, заклучи Дачиќ.

Дачиќ кажа дека односите во регионот треба да бидат рационални и засновани врз заедничките интереси.

„Многу повеќе би сакал да постои трилатерала Србија-БиХ-Хрватска, наместо со Турција. Турција се претставува како спонзор на БиХ, а се однесува како да сме деца и како да не знаеме што правиме“, објасни Дачиќ.

Тој очекува во Хрватска да се формира влада, за да почне формирањето рационални односи. Дачиќ верува дека со Томислав Карамарко од ХДЗ подобро ќе соработува отколку со Зоран Милановиќ.

„Карамарко добро го познавам од времето кога двајцата бевме министри за надворешни работи. Можеби ХДЗ ќе има повеќе храброст за некои потези за кои СДП не беше доволно смела. За нас е добро тие интереси да ги доведеме не во фаза на љубов, туку на заеднички интерес“, кажа шефот на српската дипломатија.

Тој кажа и дека заострувањето на односите поради хрватските балистички ракети настанало поради стравот дека тие би можеле да бидат употребени против Србија.

„Се претпоставува дека хрватското оружје може да биде употребено само против Србија, евентуално против Република Српска. Не знам што ќе ви е тоа на вас, е не знам што ќе ни е и на нас. Верувам дека влеговме во ера на разоружување, постојат разни договори кои заедно ги потпишавме, а кои го регулираат разоружувањето. Кога се вооружувате значи дека имате одредени закани. Треба да работиме на регион без оружје“, кажа Дачиќ.

www.mkd.mk