Цртежите со кои се чини дека Шарли ебдо се подбива со Ајлан Курди предизвикаа гнев на социјалните мрежи

0
1332

Бран незадоволство се прошири низ социјалните мрежи (каде што емоциите обично доаѓаат во бранови) поради новите цртежи во француското сатирично списание Шарли ебдо, кое стана светски познато откако во јануари вооружени џихадисти масакрираа поголем дел од неговиот уреднички кадар.

Последиците од трагедијата тогаш предизвикаа контроверзна дебата за слободата на говорот, а милиони луѓе што никогаш во својот живот не го отвориле списанието Шарли ебдо го прифатија слоганот „Je suis Charlie“ (Јас сум Шарли), во знак на солидарност.

Сега, пак, на еден од цртежите во новиот број на списанието е прикажан Исус како оди по вода, а до него се дави муслиманско момче. На цртежот пишува „Доказ дека Европа е христијанска“ и „Христијаните одат по вода… муслиманските деца тонат“.

Другиот цртеж е насловен „Толку блиску до целта…“ и го прикажува тригодишниот Ајлан Курди во позицијата во која беше најден мртов на турската плажа, слика што го згрози светот и ги смени ставовите на многумина за бегалската криза. Над неговото тело е нацртан билборд со реклама за познатиот „среќен оброк“ 2-за-1 на Мекдоналдс, со слика од насмеаната маскота на овој американски синџир ресторани. „Два детски оброци за цена од еден“, вели рекламата.

По ова социјалните мрежи масовно тргнаа со жестоки критики кон тоа што корисниците го сфатија како подбивање со смртта на Ајлан Курди, велејќи дека Шарли ебдо се „банда заблудени расисти“ и дека не треба да се нарекуваат новинари. Некои го поставуваат и прашањето: „И сега ли сте Шарли?“ и „Ете зошто јас никогаш не бев Шарли!“ Масата душегрижници и моралисти го обвинуваат списанието дека претерало со подбивот со сириското момче Ајлан Курди, кое стана симбол на бегалската криза што сè повеќе се разгорува во Европа.

Малкумина всушност ја сфатија вистинската порака на цртежите. Тие го бранат сатиричниот неделник објаснувајќи дека неговата сатира софистицирано ги напаѓа христијанската дискриминаторска Европа и комерцијализираната Америка зашто не прават ништо за да ги спасат младите животи како оној на Ајлан, или затоа што само глумат дека го прават тоа.

„Идиотите што му се нафрлија на Шарли ебдо за неговите најнови цртежи за бегалската криза се само тоа: идиоти. Ако не го сфаќате францускиот хумор, ЌУТЕТЕ“, напиша еден од нив на Твитер.

www.mkd.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY