Црвено-жолтите ги „овенаа лалињата„ сред Загреб

0
319

Холандија – Македонија 72:78 (20:19, 11:24, 18:13, 23:22)

 

Македонија оди по планот и по поразот од фаворитот во групата Грција, денес полесно од предвиденото момците на Србиновски ја совладаа Холандија, со водство во три од четирите четвртини (72:78). „Лалињата„ подобро го отворија мечот и по 5 поени на Норел, поведоа со 7:2 во 4 минута. Момците на Србиновски брзо се созедоа и со две тројки на Симоновски во 7 минута, дојдовме до водство (11:13). Во израмнетиот прв период, Николас Де Јонг со звукот на сирената, погоди за +1 за холандскиот состав. Добрата игра во одбрана им понуди на Костовски и Војдан Стојановски отворени шутеви, по кои Македонија прв пат осетливо поведе, за тајм-аут на Ван Хелфтерен (24:29). Шутот за три поени беше наш најголем адут, а Костовски со огромна доза на среќа погоди за +8 во 15 минута. Далеку рафалната Македонија со тројката на капитенот Илиевски, дојде до двоцифрено водство во 17 минута (26:36). Адут ни беше и играта преку Хендрикс, кој прв дојде до двоцифрен број на поени за 29:41 во 18 минута. На влезот во последната минута од вториот период, Војдан Стојановски погоди од контра за ветувачки +14. Вториот период Македонија го доби со +13 за 31:43 на големиот одмор. Третиот период подобро го почнаа Холанѓаните и со две тројки на Клоф и Слатер, нашиот ривал се спушти на -8. Србиновски побара минута одмор кога Клоф со нова тројка во 23 минута намали на 42:48. Бојан Трајковски со тројка ги сопре „лалињата„ и ја вративме двоцифрената предност (43:53). На почетокот од последниот период на сцена стапија нашите најискусни кошаркари, Илиевски и Самарџиски и одржувавме солидни 6-7 поени разлика. Трајковски со поени на истекот од нападот, одговори на кошевите на Николас Де Јонг за 58:67 во 35 минута. Симоновски од слободно фрлање во 37 минута ни донесе највисоки 15 поени разлика. Се назираше победата, но важно беше и со каква разлика на крајот ќе се слави. Многу ускусно не дозволивме доближување и се радувавме со убедливи 72:78.  Во нашиот табор се истакнаа капитенот Илиевски како најефикасен со 14, Костовски и Трајковски со по 13 поени, Војдан Стојановски додаде 11, а Хендрикс 10 поени. Кај Холандија блескаше Н. Де Јонг со 19 поени. Утре е слободен ден во групата во Загреб, а во вторник вечер играме против Хрватска.