Турново го испрати Пелистер во Втората лига по трет пат во својата историја

0
149

Пелистер го испушти и „последниот воз„ за Првата лига и по поразот од Турново нема повеќе шанси да го избегне испаѓањето од лигата.

Мечот во Прилеп, кој се играше без присуство на гледачи заради одлуката на ФФМ, почна со доцнење од 7-8 минути, а од самиот почеток видливо беше дека двете екипи се нервозни од важноста на натпреварот. Гркот Јоргос Цирлидис ја имаше првата закана, но биеше премлако. Гостите возвратија со два удари на Мавров од голема далечина, но ниту Драгоевиќ не мораше да интервенира. И кога пелистерци комплетно го притиснаја противникот во 18 минута гостите изведоа контранапад по кој Ташев од 17-18 метри биеше од прва и го изненади црногорецот Милош Драгоевиќ за неочекувано водство на Турново. Пелистер збркано возврати со 3-4 мешаници после корнери и шансата на Игор Станоевиќ во 30 минута.

Но наместо израмнување, на спротивната страна стигна втор гол во битолската мрежа. Се играше 34 минута кога Ташев го проигра Марков, овој ја надмудри домашната одбрана, топката му остана во нозете по одбраната на Драгоевиќ и од вториот обид успеа да ја втурне во мрежата на Пелистер. Сите планови и идеи за мечот потонаа и Пелистер беше пред невозможна мисија во продолжението. На почетокот од вториот дел Хаџиевски изврши двојна замена и со Биљали и Смоковски екипата ја направи далеку поофанзивна. Најзрелата шанса нововлезениот Љутви Биљали ја имаше во 65 минута, кога од непосредна близина ја погоди стативата, а во продолжението на акцијата Цирлидис биеше преку голот. Турново возврати преку Божинов две минути подоцна, но Драгоевиќ овој пат беше сигурен на голот. Во периодот меѓу 73 и 77 минута битолчани имаа три големи шанси да се вратат во мечот, но најнапред Анастасов, а потоа гркот Цирлидис и Станојевиќ беа неснаодливи и пропаднаа ветувачки акции на зелените. На крајот и полесно од предвидено, Турново од Прилеп носи три бода со победата од 0:2, а носи и опстанок во турболентната сезона на овој клуб. Со овај пораз на две кола до крајот, Пелистер и математички нема шанси за опстанок и по трет пат во својата историја испаѓа во Втората лига. Судбоносно на денот на кој Вардар ја слави титулата, Битола остана без прволигаш.

Пелистер – Турново 0:2 (0:2)

Градски стадион „Гоце Делчев„ – Прилеп. Без присуство на гледачи
Главен судија: Димитар Мечкаровски (Скопје)
Асистенти: Дејан Неделковски и Гоце Петревски (сите од Скопје)
Делегат: Боби Стевковски (Скопје)
Стрелци: Ташев во 18 и Марков во 34 минута за Турново
Жолти картони: Петрески (Пелистер), Џинов, Марков, Стоилов (Турново)
Црвени картони:

Пелистер:
Драгоевиќ, Велковски, Мустафов, Миленковски, Анастасов, Цирлидис, Стајев (од 46м. Смоковски), Станојевиќ (од 78м. Трифуновски), Петрески (од 46м. Биљали), Чешмиџиев

Турново:
Захов, Ташев, Илиев, Танушев, Кочовски (од 90м. Глигоров), Мавров, Марков (од 64м. Божинов), Иванов, Милушев, Џонов, Крстовски (од 57м. Стоилов)