Турската полиција со солзавец ја растури Поворката на гордоста

0
376

Турската полиција приведе 19 лица, меѓу кои двајца германски пратеници, и употреби солзавец во центарот на Истанбул во неделата за да ги растера неколкуте десетици активисти кои се обидоа да ја одбележат годинешната седмица на Поворката на гордоста, откако властите претходно ја забранија од безбедносни причини по заканите на екстремните десничарски и националистички движења.
Организаторите ја откажаа годинешната Парада на гордоста, којашто од 2003 година се одржува без инциденти во мирна атмосфера и со околу 100.000 учесници е најголемата таква манифестација во муслиманскиот свет, откако властите не го одобрија нејзиното одржување и испратија силни специјални полициски единици во близина на централниот истанбулски плоштад Таксим.

Меѓу оние кои беа накусо приведени во неделата е и пратеничката од германскиот Бундестаг Тери Рејнтке и пратеникот Волкер Бек, активистички ветеран за правата на хомосексуалците. Покрај нив, приведени се уште двајца германски државјани.

Властите на Истанбул минатата седмица соопштија дека поворката е забранета поради загриженоста за јавниот ред и за безбедноста. Безбедносните услови во мегалополисот и она веќе се заострени по низата бомбашки напади последните месеци за коишто одговорноста ја преземаа џихадистичката Исламска држава и курдските герилци.

Екстремните десни групи, како Големата унија (BBP) и Здружението на младите муслимани од Анадолија, исто така, изминатите денови упатуваа закани за учесниците на годинешната парада која требаше да се одржи во рамките на манифестацијата Недела на гордоста од 20-ти до 26-ти јуни со главната поворка на главната истанбулска авенија Истикал, во близина на историскиот централен плоштад Таксим.