Турската војска на телевизија соопшти дека ја презема власта во земјата

0
890

Турската влада, по сѐ изгледа, е симната од власт со државен удар, а војската тврди дека ја презела контролата врз државата, пренесуваат светските агенции.

Тешко вооружени војници и воени возила ги затвориле вечерва двата главни моста во Истанбул, додека над зградите во низок лет прелетувале воени авиони.

Тенкови се поставени пред Меѓународниот аеродром Ататурк и на други локации во Истанбул.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган наводно во моментов е на одмор во градот Бодрум на југот на Турција. Неговиот статус засега не се знае.

Турската војска на државната телевизија соопшти дека ја презема контролата врз земјата „за да го заштити демократскиот поредок и да ги зачува човековите права“.

Си-ен-ен турк јавува дека шефот на турските оружени сили генералот Хулуси Акар е заложник во Генералштабот на турската армија.

Војската ги блокира улиците и мостовите, присутна е на аеродромите, а воени авиони кружат над Анкара и Истанбул. Се појавија фотографии од турски војници во државната турска телевизија, а се шпекулира дека армијата влегла во седиштето на владејачката партија.

Шефот на кабинет на армијата е киднапиран, ова е последната вест која ја објави турската државна агенција иако не е уште јасно кои се киднаперите и што точно се случува. Многу е тешко да се потврдат информациите и да се утврди што е вистина,  а и најголемите светски медиуми постојано појаснуваат дека во моментов јавноста е фрлена во сфера на шпекулации. Информацијата е дека, всушност, во моментов нема вистинита и точна информација. Од скоро во Турција се исклучени и социјалните мрежи кои до скоро пренесуваа фотографии и видеа, но и впечатоци од атмосферата во Истанбул и Анкара.

Се поставува и прашањето каде е најмоќниот човек во Турција, Таип Ердоган, кој, според информациите, е и таргетот  и причината за овој државен удар.  Информациите се различни и во моментов недоверливи – дали го држи турската армија, дали избегал, се крие или, пак, ја контролира ситуацијата од далеку.

„Скајњус“ се повикува на доверливи високи дипломатски извори во ЕУ кои за нив изјавиле дека според нивните информации турската армија во моментов ги зазела стратешките позиции во Турција.

Нештата драматично се менуваат од час во час, а дали ова е успешен воен удар или не, останува да видиме.

Пред половина час турскиот премиер Бинали Јилдорим изјави дека војската се обидела да спроведе државен удар, пренесува новинската агенција „Асошиејтед Прес“. Претходно „Ројтерс“ пренесе дека турската армија веќе се огласила со соопштение дека ја презема власта во Турција со цел земјата да може да ги сочува демократските и човековите права.

„Некои луѓе илегално спроведоа илегални акции надвор од синџирот на команда. Владата избрана од граѓаните останува на сила во Турција“, рече тој велејќи дека безбедносните служби се на терен и се справуваат со ситуацијата.

„Со децении ја создававме Република Турција, а владатаа која до овој момент со погрешните политики го рушеше угледот на републиката, дозволи и тероризмот да владее во земјата, правниот систем го доведоа до состојба да не може да функцинора во никој поглед, го срушија уставниот поредок, а корупцијата ги премина сите граници“, ова беше напишано во соопштението на турската војска кое беше пратено во јавноста вечерва.