Турски новинар 21 месец во затвор за навреда на Ердоган

0
324

Нa новинар на турскиот левичарски дневен весник Birgun пресудена му е затворска казна во траење од 21 месец, бидејќи го навредил шефот на државата Реџеп Тајип Ердоган, објави весникот во средата.

Истрагата против новинарот Бариш Инче првично била отворена поради напис во кој индиректно се обвинуваат претседателот Ердоган и неговиот син Билал за корупција, за која турскиот претседател поднел тужба.

Инче првпат беше изведен пред судот за написот кон крајот на декември 2013 година откако од Ердоган и неговата исламско-конзервативна Партија на правдата и развојот (АКР) беше обвинет за учество во заговор за соборување на владата. Меѓутоа, на крајот е осуден поради неговата писмена одбрана во којашто судот препознал акростих со порака којашто го навредува турскиот претседател.

Имено, кога првите букви од секој нов ред ќе се прочитаат заедно се добивала пораката „Hirsiz Erdogan“ односно на турски „крадец Ердоган“. Во својата одбрана Инче тврдеше дека тоа е „или несреќна коинциденција или Божја работа“, но судот сепак го осуди на 21 месец затвор.

Неговата одбрана и весникот Birgun најавија жалба пред Уставниот суд на Турција

Откако во август 2014 година Ердоган надмоќно победи на претседателските избори, покренати се повеќе од 1.800 постапки по обвиненија за навреда на претседателот, објави турското министерство за правда./крај/мф/сн