Турскиот претседател Ердоган поднесе тужба против турскиот весник `Џумхуријет`

0
129

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во средата поднесе тужба против дневниот весник „Џумхуријет“ и неговиот главен уредник поради објавувањето на фотографиите од наводен шверц на оружје во Сирија, и покрај критиките од медиумските здруженија во земјата кои го повикаа турскиот претседател да престане да ги застрашува новинарите.

Турската државна новинска агенција Анадолија јавува дека Ердоган во тужбата навел дека „Џумхуријет“ и главниот уредник Чан Дундар објавиле „фотографии и информации спротивни на вистината“ и дека „добиле и објавиле тајни информации“.

Минатата недела „Џумхуријет“ објави фотографии од јануари 2014-та година на кои се гледа како локалните турски власти за време на претрес на камион кој патувал за Сирија се расправаат со агенти од турските тајни служби.

Весникот навел дека овие слики се доказ оти Турција криумчари оружје за сириските бунтовници, иако турските власти тоа упорно го негираат. Ердоган во вторникот го обвини Дундар за шпионажа, порачувајќи дека тој „ќе плати висока цена“ поради тоа што ги објавил сликите и дека нема „да го пушти да се извлече“.

На ова реагирале од њујоршкиот Комитет за заштита на новинарите (CJP) и организацијата „Репортери без граници“ од Париз. CJP во вторникот го повика Ердоган да прекина да ги заплашува новинарите и медиумските куќи само поради тоа што не му се допаѓа како известуваат.