Турските власти не сакаат верените да се среќаваат јавно и да се држат за раце

0
287

Верените лица може да разговараат за да се запознаат, но мора да го избегнуваат држењето за раце и, пред сé, флертувањето во јавноста, препорача во понеделникот турската управа за верски прашања.
„Нема лошо во тоа верените да се среќаваат и да се запознаваат, но само доколку тоа не е во јавноста“, даде поука највисоката турска исламска институција Дијанетот, како одговор на прашањето за средбата на верените пред да ги разменат прстените.

„Но верените мора да се воздржат од флерт, заеднички живот, изолирање насамо што би можело да предизвика оговарања, држење за рака и секое друго однесување коешто исламот не го одобрува“, се додава во предупредувањето кое е објавено на официјалната интернет страница.

Директоратот за верски прашања, или Дијанетот, е воспоставен во 1924 година, една година по основањето на секуларната Република Турција на урнатините од Османлиското царство. Според уставот, Дијанетот треба населението да го упатува во верските прашања.

Мегалополисот Истанбул ги усвои западните обичаи, меѓутоа мнозинството од турското население, главно сунитски муслимани, се изразено конзервативни. Така, на пример, во централна Анадолија сексуален однос пред бракот е табу тема.

Турскиот исламско-кознервативен претседател Реџеп Тајип Ердоган често го обвинуваат дека ја исламизирал земјата, а особено се критикуваат како сексистички неговите изјави за жените./крај/мф/сн