Турција бара од ЕУ дополнителни 3 милијарди евра

0
317

Турција побара денес од ЕУ дополнителни 3 милијарди евра кои треба да се додадат на досега ветените 3 милијарди.
На самитот на ЕУ денес во Брисел Турција излезе со нов предлог.
За возврат на уште нови 3 милијарди евра, Анкара ветува дека ќе ги земе назад сите мигранти кои не можат да добијат азил во ЕУ и ветува дека остро ќе се бори против шверцерите.
– Дополнителните пари бараат нови буџетски процедури. Европскиот парлемент е подготвен да ги забрза процедурите, изјави претседателот на Европскиот парлемент Мартин Шулц на маргините на самитот по средбата со турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган од Анкара порача дека очекува премиерот Давутоглу од Брисел да се врати барем со ветените три милјарди евра. Додека Давутоглу пред самитот ги најави и неговите очекувања од средбата.
Ние веќе потрошивме десет милијарди долари на три милиони луѓе. Тие ветија дека ќе ни дадат три милијарди евра, а од тогаш минаа четири месеци. Премиерот е сега во Брисел. Се надевам дека тој ќе се врати со тие пари.
Пред почетокот на Самитот како можни решенија се споменуваа, евентуалното затворање на бегалската рута како и депортација на сите мигранти кои не потекнуваат од Сирија.
Претходно, во писмо упатено да шефовите на држави и влади на членките на Унијата, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изрази „внимателен оптимизам“ дека на Самитот ЕУ-Турција, ќе бидат постигнати „позитивни резултати“.
Според него, затворањето на балканската бегалска рута нема целосно да го реши проблемот со мигрантите, па затоа е потребно да биде донесена одлука за помош на Турција со цел да го запре бегалскиот бран кон Грција, но и да се согласи да прими назад дел од мигрантите кои од нејзината територија се упатиле кон Европа, а немаат основа за добивање азил во ЕУ.
Засега се уште не се знае епилогот од средбата меѓу ЕУ и Турција. Прескоференцијата на која требаше да бидат соопштени детали од договорот, неколку пати до сега беше одложувана. Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по средбата со турскиот премиер Давутоглу изјави дека Алијансата ќе ја интензивира операцијата за мониторинг на миграцијата во Егејското море.