Турција го отповика амбасадорот од Берлин поради резолуцијата за Ерменците

0
413

Турција ја нарече „историска грешка“ резолуцијата на германскиот парламент за геноцидот врз Ерменците и го отповика својот амбасадор од Берлин.

Бундестагот денеска ја донесе едногласно резолуцијата со која убиството на околу 1,5 милиони христијански Ерменци и припадници на други христијански малцинства во периодот од 1915 и 1916 година се нарекува „геноцид“. Претседателот на Парламентот, Норберт Ламерт ги осуди обидите за заплашување на германските пратеници пред денешното гласање. Особено биле заплашувани колегите со турски корени, рече Ламерт на почетокот на дебатата во Бундестагот. „Закани со цел да се спречи слободното мислење во германскиот Бундестаг, се неприфатливи“, изјави Ламерт, додавајќи дека тоа нема да биде прифатено и сигурно нема да се дозволи да се биде заплашен.

Во знак на протест поради резолуцијата за геноцидот врз Ерменците, Турција го отповика својот амбасадор од Берлин. Турција како правен наследник на Османлиското царство изразува жалење поради масакрот врз Ерменците, но негира дека станува збор за геноцид. Владата во Анкара денеска донесената резолуција ја оцени како „ништовна“. Германскиот парламент, според портпаролот на турската влада Нуман Куртулмус, масакрот врз Ерменците го оценил како геноцид врз основа на „изобличени и беспредметни инсинуации“.