Турција ќе ги повлече војниците од Мосул поради заканите од Багдад

0
315

Турција соопшти дека ќе престане да испраќа војници во областа околу ирачкиот град Мосул, кој е под контрола на Исламска држава, откако Багдад се закани дека од ОН ќе побара да ја принуди Турција да ги повлече своите сили.

Турција во четвртокот распореди стотици војници во камп во регионот Башик, објаснувајќи дека тоа е редовна ротација на силите за обука, но со тоа го разгневи Багдад, кој тврди дека Турците не се консултирале за тоа со Ирачаните.

Турскиот премиер, Ахмет Давутоглу, му напиша писмо на ирачкиот колега Хајдер ал Абади и порача дека Анкара нема да испрати дополнителни сили додека не се реши „чувствителноста“ на Багдад.

Тој, сепак, не рече ништо за барањето на Абади да се повлечат турските војници.

„Во Башик нема да испраќаме нови војници сè додека не се надмине загриженоста на ирачката влада“, напишал Давутоглу, според извори од неговиот кабинет.

 „Турција сака да ја продлабочи соработката со Ирак преку координација и договор. На оние што се против соработката меѓу Турција и Ирак не треба да им биде дозволено да ја постигнат својата цел“, додал тој.