Турција ќе ослободи 38.000 затвореници, за да влезат оние за државен удар

0
295

Најавата е дел од судска одлука, за да се ослободи место во затворите за илјадници луѓе уапсени неодамна

Турција планира да ослободи 38.000 затвореници, кои имаат помалку од една година за отслужување.

Најавата е дел од судска одлука, за да се ослободи место во затворите за илјадници луѓе уапсени неодамна, за наводно учество во неуспешниот обид за државен удар.

Турскиот министер за правда Бекир Боздаг ја најави одлуката во неколку твитови раноутринава. Тој потенцираше дека ослободувањата не се помилувања, туку се условни ослободувања.

„Оваа мерка не е амнестија. Казната ќе ја отслужат надвор, преку надгледување“, напиша Боздаг на Твитер.

Меѓудруго рече:„ Се надевам дека мерката ќе биде корисна за затворениците, нивните блиски, нашите луѓе и држава“.

Затворениците, кои отслужиле повеќе од половина казна ќе можат да добијат условно ослободување. Одлуката нема да важи за осуденици за убиство, тероризам, домашно или сексуално насилство.