Турција нерамноправна, симултанка на Холандија за место во финалето

0
272

Холандија – Турција 3:0 (25:22, 25:18, 28:26)

Холандија е првиот финалист на европското првенство во одбојка за жени, чија што завршница се одржува во „Ахој арената“ во Ротердам. Уште еднаш се покажа дека Џовани Гуидети добри ги познава турските оббојкарки, бидејќи долги години работеше во Вакифбанк од Истанбул. Смисли одлична тактика, пред се во блокот и пред 5.000 гледачи „лалињата“ го збришаа противникот со 3:0 во сетови. Првиот сет беше многу изедначен, но постојано со 1-2 разлика предност имаа Холанѓанките. Тоа им донесе и психолошка стабилност и со помалку технички грешки го приведоа сетот кон крај. Робин де Крујф и Ане Бујс имаа скоро половина од поените на својата репрезентација, која го доби првиот сет со 25:22. Уште не се опоравија, Турчинките мораа да бркаат голем дефицит. Неколку ас поени од сервисот и секако подобриот холандски блок во раната фаза на вториот сет донесе 11:6 за селекцијата на Гуидети. Таа предност „портоколавите“ ја задржаа до самиот крај на сетот и со Слетјес, која им се приклучи на Де Крујф и Бујс, Холандија поведе со 2:0. Многу слично почна и третиот сет. Турскиот селектор Ферхат Акбаш се обиде со неколку замени да го поремети ритамот, но брзо домашната селекција поведе со 10:4. Ивон Белиен блесна со два „пајпа“ во третиот сет и Холандија на вториот технички тајм-аут имаше 16:10. Но бело-црвените не се предаваа и преку Кирдар Гозде направија целосен пресврт (20:21). Турција прокоцка две сет топки, а блокот на Белиен ја донесе првата меч топка за домашната репрезентација. Дури од третата Холандија преку двојниот блок дојде до победа од 28:26 и пласман во финалето. Противник на Холандија во утрешното финале ќе биде поуспешната репрезентација од второто полуфинале помеѓу Србија и Русија кое се игра доцна попладне.