Турција отвори уште едно поглавје во преговорите со ЕУ

0
273

Турција во четвртокот на пристапната конференција во Брисел ги отвори преговорите во поглавјето Финансии и буџетски одредби, што е само 16-то поглавје отворено во повеќе од десет години.

Турција ја поднесе кандидатурата за полноправно членство во Европската унија уште во 1987 година, а од 2005 година преговорите западнаа во ќорсокак, поради низата проблеми од двете страни, и незаинтересираноста на главните европски земји.

Турција ги отвори пристапните преговори во Европската унија на 3-ти октомври 2005 година, а досега отвори само16 од 35 преговарачки поглавја, од кои само едно е привремено затворено. ЕУ во декември 2006 година одлучи дека нема да ги отвори преговорите во осум поглавја и дека нема да затвори ниедно поглавје додека Турција не ги нормализира односите со Кипар.

ЕУ ѝ вети на Турција дека ќе ги забрза речиси замрените преговори во замена за склучување на договорот за запирање на миграцискиот бран кој нејзините земји членки.

Преговорите со Турција од почетокот се контроверзно прашање во ЕУ, каде нејзините најголеми членки истакнуваат дека тие преговори се водат без гарантиран исход.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер при преземањето на должноста во 2014 година истакна дека во текот на неговиот мандат до 2019 година нема да има проширување.

Турските преговори за членство беа и една од темите во кампањата за референдумот во Велика Британија за членството во ЕУ. Приврзаниците на излегувањето истакнуваа дека турското членство ќе доведе до масовен прилив на доселениците на островот. Повеќе европски челници, во прв ред британскиот премиер Дејвид Камерон, но и германската канцеларка Ангела Меркел, истакнуваа дека турското членство „не е на дневниот ред“ и дека е „отворен исходот“ од тие преговори.

Од друга страна, турскиот министер за европски работи Омер Челик, изјави дека излегувањето на Велика Британија „ќе ја зајакне улогата на Турција во ЕУ“.