Турција победник на Интернационалниот музички фестивал “ТРА-ЛА-ЛА” во Битола

0
617

Претставничката на Турција, 21 годишната Езги Алас, е добитник на гран при наградата на 16-тото издание на Интернационалниот музички фестивал “ТРА-ЛА-ЛА” кој се одржа од 12 до 15 август во Битола, а на кој учестуваа 30 млади музички таленти од 12 држави во светот. Покрај учесниците од  Македонија, на фестивалот настапија деца  солисти и делегации од Турција, Словенија, Бугарија, Романија, Полска, Австралија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Русија, Хрватска и Кипар.

2

,,Ова за мене е прв интернационален натпревар на кој што учествувам во Македонија. Како претставник на Турција, особено ми значи што наградата ја добив во Битола, градот кој има силни пријателски врски со мојата земја Турција. Битола е прекрасна и среќна сум што тука се здобив со големо искуство на сцената, иако наградата за мене е втора по ред гран при награда која сум ја добила досега на ваков тип на музички натпревари.  Многу сум среќна и ценам што сум тука бидејќи во Битола бевме примени со големо гостопримство од страна на битолчани, што сите учесници верувам дека не мотивира повторно да ја посетиме Битола и Македонија.,,-вели добитничката на гран при наградата Езги Алас од Турција, која студира на Јашар Универзитетот во Турција на одделот за џез вокали, а исто така се занимава и со балет.

Синоќа на гала концертот во Центарот за култура во Битола беа доделени фестивалските награди во неколку возрасни категории.  Во првата возрасна категорија првата награда ја освои Дарен Гоцак од Бугарија, втората Илона Шундовска Македонија, а третата Марија Ана од Русија. Во втората возрасна категорија прва награда освои Ула Ложар од Словенија, втора Флора Табатабаи Нејат од Унгарија и трета награда Александра Чапличка од Полска. Во третата возрасна категорија првата награда и припадна на Александара Вовк од Словенија, втората на Марија Шимиќ од Босна и Херцеговина, а третата ја освои претставникот на Романија Лоренцо Раумојсе. Во категоријата на највозрасни пејачи наградени се Антонија Дора Плешко, Јоана Димитрова од Бугарија и Емилија Римпева од Бугарија.

3

,,Како организатори на фестивалот задоволни сме што шеснаесетта година по ред фестивалот успешно опстојува на сцената. Сите 30 учесници од 12 држави имаат прекрасни впечатоци од Македонија и сигурен сум дека повторно ќе се вратат тука. Догодина очекувам уште поголем број на детски пејачи да застанат на сцената на фестивалот “Тра ла ла”.-вели раководителот на фестивалот Тони Алексовски, кој е член во жири комисијата на десетина фестивали ширум светот и амбасадор на детскиот мир од Светската асоцијација на фестивали и уметности WAFA.

Фестивалот “ТРА-ЛА-ЛА” е дел од битолско културно лето Битфест со поддршка на општина Битола и градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, а поддржан е и од Министерството за култура на Република Македонија.