Турција подготвена да плати отштета за соборениот руски авион

0
511

Анкара е подготвена да ја надомести штетата на Москва за соборениот бомбардер „Су-24“, изјави во понеделникот вечерта турскиот премиер Бинали Јилдирим, а откако Кремљ објави дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му испратил на рускиот колега писмо со извинување за инцидентот и сочувство за смртта на пилотот, најавен е скорешен телефонски разговор меѓу двајцата државници, што вклучително со претходно во понеделникот потпишаниот во Рим договор за обновување на односите со Израел, укажува дека Турција се обидува да ги обнови прекинатите сојузништва и да го намали чувството на глобална изолација.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот изјави дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, откако пред две седмици по повод Денот на Русија упати честитка до својот руски колега по должност Владимир Путин, испратил нова порака во која се извинува за соборувањето на рускиот бомбардер ланскиот ноември и жалење за смртта на пилотот, истакнувајќи дека Турција не сака да ги расипува пријателските односи и стратешкото партнерство со Русија.

Портпаролот на Ердоган го потврди писмото до Путин, но директно не го спомена извинувањето, што турските челници долго го исклучуваа како опција, а Москва го истакна како прв услов за продолжување на разговорите за обновување на односите. Портпаролот Ибрахим Калин рече дека Ердоан изразил жалење и побарал извинување од семејството на загинатиот руски пилот.

Еден од чекорите за нормализација на билатералните односи, руските власти ја наведуваа и потребата Анкара покрај извинувањето за својата постапка, и да ја надомести штетата. Слично и турско-израелскиот договор вклучува Израел да плати 20 милиони долари оштета за семејствата на десетте жртви и на семејствата на повредените во инцидентот од 31-ви мај 2010 година кога израелските командоси го заземаа бродот „Мави Мармара“ со хуманитарна помош кој сакаше да ја пробие блокадата на палестинската енклава Газа.