Туск: За излез од кризата ви треба демократско решение, базирано на пристојност и здрав разум

0
365

За излез од политичката криза на Македонија ѝ треба решение базирано на демократски начела, пристојност и здрав разум, порача претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск по средбата со претседателот Ѓорге Иванов.

„Потребно е да најдете такво решение, врз основа на овие начела. Само така решението може да биде одржливо. Кога ќе го пронајдете, можете да сметате на нашата поддршка“, рече Туск во изјавата за медиумите.

Тој додаде дека силната порака, како што ја нарече, од лидерите и институциите на ЕУ е дека посветеноста на Унијата за европската перспектива на Македонија е недвосмислен.

„Работењето кон добивање членство во ЕУ и во НАТО порано беше фактор на единство, кое е потребно во вашата земја и денес. Одговорив на вашето писмо за излез од кризата. Но, ќе кажам дека кризата ја задржува вашата земја на евроатлантскиот пат“, потсети Туск и додаде дека разбира оти сега не се лесни времиња и дека Иванов има голема одговорност, бидејќи овие времиња бараат државнички однос и ништо помалку.

Во однос на политичката криза, Иванов кажа дека неговиот став е непроменет и дека за формирање влада мора да се отстранат правните и политичките пречки.

„Мојата одлука е со цел спречување на штетни последици, бидејќи уценета влада е и нестабилна влада со краток рок на траење и со штетни последици“, изјави Иванов.

Според него, Европската Унија е гарант на два договори, Охридскиот и договорот од Пржино, а императив на политичките лидери во земјава треба да бидат реформските приоритети .

„Прва точка треба да бидат европските реформи, а не спроведување постизборна платформа направена од друга држава. Оваа платформа ја загрозува државата. Потоа се нарушуваат добрососедските односи со директно мешање во внатрешните работи на Македонија, се создаваат тензии во меѓуетничките односи, се манипулираат граѓаните. На Македонија ѝ се потребни европски реформи, а не туѓи платформи. Тоа е единствениот начин за излез од политичката криза“, рече Иванов.

На средбата меѓу Иванов и Туск се зборувало и за мигрантските коридори, за тензиите во односите меѓу ЕУ и Турција и за евентуалните закани од нов мигрантски бран.

Иванов повторил дека Македонија е транзитна земја и дека ќе дејствува во правец на заштита на националната безбедност и безбедноста на граѓаните, а Туск ветил дека Унијата ќе излезе во пресрет на потребите на Македонија на теренот, во луѓе и опрема.