Творештвото на браќата Манаки на Канскиот филмски фестивал

0
192

Агенцијата за филм на Република Македонија по шести пат во рамките на павилјонот на земјите од Југоисточна Европа се претставува на Филмскиот маркет на 68-то издание на Канскиот филмски фестивал што се одржува од 13 до 24 мај.
Во текот на овие денови, Агенцијата ќе ја промовира македонската кинематографија со најновата филмска продукција, Македонија како дестинација за снимање филмови каде што со правото на поврат на средства во износ од 20% треба да се привлечат странските продукции да снимаат филмови, можностите за копродукција, промоција на македонските филмски фестивали и други проекти од областа на филмската дејност.
Оваа година Република Македонија ја слави и 110 годишнината од филмското творештво и опус на браќата Милтон и Јанаки Манаки.

Kanski_Filmski_Festival_-_3.jpg
Годишнината ќе биде во фокус на македонската забава која ќе се одржи на 17 мај, на која се очекува присуство на голем број на професионалци од областа на филмската индустрија (селектори на фестивали, директори на филмски маркети, дистрибутери, продуценти, селс агенти).
На забавата, на филмските професионалци од целиот свет ќе им биде доделен промотивен материјал во чест на браќата Манаки кои се подготвени од страна на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”, Агенцијата за филм, Кинотеката на Македонија и градот Битола.
Фестивалот во Кан ги чествува сите браќа што придонеле за развојот на филмската индустрија во Европа, од нејзиното постоење до денес, а со оглед дека опусот на браќата Манаки е од исклучително значење, и нивното творештво ќе биде пред светскиот и европскиот аудиториум во Кан, потврди новоизбраниот директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки” – Битола, Димитар Николов-Таки.

Kanski_Filmski_Festival_-_1.jpg
На годинашниот Кански филмски маркет, преку Агенцијата за филм на Република Македонија, ќе има проекција на четири филмови:„Медена ноќ” на Иво Трајков, „Три дена во септември” на Даријан Пејовски, „Шишка Де Лукс” во режија на Јан Цвитковиќ и „Жената на мојот живот” на Антониј Дончев.
Светозар Ристовски, режисер и продуцент на продуцентската куќа Small Moves Films е овогодинешен македонски претставник меѓу најдинамичните нови продуценти од цела Европа кои се избрани да учествуваат на „Producers on the move” за 2015 (13-24 мај, 2015 година).

 

Неда Маретиќ