Уапсен Алжирецот поради кого беше евакуиран трговскиот центар во Бремен

0
436

Полицијата во северозападниот германски град Бремен објави ноќта кон четвртокот дека по повеќечасовна претрега е уапсено лицето по потекло од Алжир поради кое го евакуираше трговскиот центар.

 Засега не се соопштени други поединости.

Посетителите на трговскиот центар во Бремен беа евакуирани во средата попладнето поради закана, којашто според мислењето на полицијата, ја претставувал младиот Алжирец кој претходно во текот на денот избегал од психијатриска установа во федералната земја Долна Саксонија. Претходно појавените информации за антитерористичка операција, полицијата ги демантираше.

Медиумите наведоа дека не постојат докази дека лицето планирало напад однапред, но оти тој неколку пати во минатото се обидел да се самоповреди и користел наркотици.

Беше објавено, исто така, дека Алжирецот со симпатии се изразувал за 18-годишниот Адел Давид Сонболи, германски државјанин од иранско потекло, кој на 22-ри јули во трговскиот центар во Минхен смртно застрела девет лица, а потоа и самиот си го одзеде животот. Меѓутоа, според прелиминарните сознанија на полицијата, тој никако не бил поврзан со минхенската трагедија и тамошниот убиец.

Во германската сојузна држава Баварија последната седмица се случија неколку големи инциденти. Пред минхенскиот масакр, пет патници беа повредени во напад со секира и нож од страна на 17-годишен бегалец од Авганистан во Вирцбург, а во неделата ноќта 27-годишен бегалец од Сирија се разнесе со импровизирана бомба ранувајќи десет лица./крај/мф/сн