Уапсен лажниот принц на Црна Гора и Македонија

0
1219

Во Италија е поднесена тужба за лажно претставување против Стефан Чернетиќ, кој со години се претставувал како принц од Црна Гора и Македонија, наследник на династијата Црнојевиќи.

Како што наведуваат тамошните медиуми, истрагата против него била почната уште минатото лето, а иницијативата тргнала од Министерството за надворешни работи на Италија, од каде што биле доставени фотографии од Чернетиќ на сите единици на полицијата на национална територија со образложение дека се работи за личност што не е дипломатски претставник и дека не ужива право на имунитет врз основа на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Истрагата почнала кон крајот на август минатата година, по неговата „официјална“ посета на Бринџизи и околината.

Во таа прилика, како што пренесуваат италијанските медиуми, Чернетиќ се сретнал со повеќе претставници на локалната смаоуправа, а на состаноците доаѓал со „мерцедес“ на кој имало знамиња на Црна Гора, а стоеле и лажни дипломатски ознаки.

Според тамошните медиуми, директна причина за тужба против Чернетиќ е сметка која една луксузна вила во Пуља ја доставила до амбасадата на Македонија.

Со Чернетиќ е обвинет и италијански државјанин, кој го следел на патувањата каде што се претставувал како амбасадор на Македонија во Италија. Се работи за лице што претходно било обвинувано за лажно претставување и измама. Двајцата во луксузната вила живееле гратис од 23 до 31 јули 2016 година, а сметката пристигнала до македонското дипломатско претставништво.