Уапсен македонскиот почесен конзул во Шпанија за убиство на неговите деца

0
970

Почесниот конзул на Македонија во Шпанија, шпанскиот државјанин, Марио Деус е уапсен во Јужна Африка, во рамки на истрагата за убиството на неговите деца, тригодишни близнаци, објави „Јуроп прес“.

Порталот, кој се повикува на извори блиски до истрагата, пишува дека телата на децата ги пронашла нивната мајка, за која се вели дека е државјанка на Швајцарија, во волата на Деус, во близина на Кејп Таун.

„Кога таа пристигнала во вилата, тој со своето возило веднаш побегнал. Набргу е уапсен во предградие во главниот град“, соопштил Андре Тро, портпарол на локалната полиција.

Според него, околностите на убиството на тригодишните близнаци сè уште се истражуваат и не се знае причината за смртта.

Деус наскоро треба да се појави пред судот, каде се соочува со три обвиненија – за две убиства и за кражба на возилото со кое побегнал.

Марио Сезар Деус е почесен конзул на Македонија во Барселона од 6 декември 2012 година. Тој не е дипломат од кариера, туку бизнисмен и е познат стоматолог во Барселона.

Инаку, почесните конзули најчесто се претприемачи или бизнисмени, главно државјани на земјата во која се назначени за почесни конзули, а улогата ја добиваат поради добрите односи со властите и со бизнис-заедницата во која живеат.