Уапсени петтмина македонски државјани во Турција, припадници на ИД

0
379

Акцијата, информираше денес министерот за внатрешни работи Митко Чавков беше спроведена од страна на турската полиција во едно од собиралиштата на џихадисти лоцирано во населбата Аксарај, при што приведените државјани на Република Македонија од кои три од Куманово и две од Скопје, на организиран начин се обиделе да се приклучат кон терористичката организација. Во собиралиштето осомничените биле сместени заедно со уште четири лица од Албанија, Сирија, Палестина и Мароко и чекале поволни услови за трансфер во Сирија. Македонските државјани се за возраст од 18, 19, 20, 21 и 24 години.

Како што соопшти министерот, во соработка со турската полиција петмина македонски државјани осомничени за членство во Исламска Држава, на 12-ти август биле уапсени во турската населба Аксарај каде се собирале и организирале џихадистите и оттука планирале да заминат на боиштата во Сирија.

– Во текот на акцијата при обид за бегство две од лицата се здобиле со тешки телесни повреди. По приведувањето осомничените биле однесени во прифатниот центар за странци во Истанбул, изјави Чавков.

Акцијата била спроведена од страна на турската полиција, а по приведувањето осомничените биле однесени во Прифатниот центар за странци во Истанбул.

-Според досегашните сознанија лицата биле претходно поттикнати и организирани од македонски државјани-џихадисти кои подолг период престојувале во Сирија, а осомничените заминале за Турција со единствена крајна цел приклучување кон муџахединските единици во Сирија, појасни Чавков.

По преземените активности и документирањето на настанот осомничените се вратени во Македонија и против нив е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“. Од страна на судија на претходна постапка на сите пет пријавени лица определена им е мерка притвор.

Министерот Чавков информираше дека за 23 лица македонски државјани се води кривична постапка, околу 25 македонски државјани се загинати, а околу 50 лица се уште се на боиштата во Сирија и Ирак. Тој нагласи дека овие бројки не се конечни и постојано варираат.