Уапсени тројца руски државјани поради терористичкиот напад во Истанбул

0
283

Турската полиција уапси тројца руски државјани поради сомнеж дека се вмешани во терористичкиот напад што вчера беше извршен во центарот на Истанбул, јавуваат турските медиуми.

Руските државјани биле уапсени во рација во медитеранскиот град Анталија. Генералниот конзулат на Русија во Анкара го потврди апсењето на руските државјани.

„Причините за нивното притворање допрва ќе се разјаснат“, изјави генералниот конзул Александар Толстој Пјатенко за руската агенција Тасс.

Осомничените, наводно, се во контакт со борците на таканаречената Исламска држава во конфликтните зони и им обезбедуваат логистичка поддршка.

 Руското министерство за надворешни работи во ноември соопшти дека 2.719 руски државјани заминале во Сирија и Ирак да се борат на страната на Даеш (ИСИС). Од нив, 160 биле убиени, 73 се вратиле и им се суди за тероризам, а уште 36 се уапсени, изјави тогаш заменик-министерот за надворешни работи на Русија Олег Сиромолотов.

Во терористичкиот напад што вчера се случи во Истанбул загинаа десет туристи, а турската полиција потоа уапси 15 лица осомничени за учество во организацијата на нападот.

www.mkd.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY