Убедлив пораз на ракометарите во Чешка

0
429

Македонската ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз во квалификациите за Европското првенство во Хрватска, откако попладнево во Плзен загуби од Чешка со 35:28 (18:12).
Мечот добро го отвори Борко Ристовски со одбранет зицер, но по 5 минута, чешката одбрана успеа да го прочита нашиот напад. Лазаров реализира два седмерци и до 3:3 бевме раноправни. Потоа следеа три неодговорени гола на Бечвар и Бабак за 6:3 и тајм-аут на Червар во 10 минута.
Изостана нашата реакција, потрошивме неколку топки и со серија 4:0, Чесите стигнаа до највисоки 10:3. Македонската селекција цели 11 минути не постигна гол и дури капитенот во 18. минута реализираше за -6. Червар го смени голманот, шанса доби Даскалоски, влегоа и Нелоски и Митков, нашата игра доби ритам.
Со мини-серија на Кирил Лазаров и Манасков, „жолтите” се доближија до 12:7. Сепак неколку чудни одлуки и грешките во нашиот напад на Хрстка и Јурка им понудија шанса и на одмор Чешка замина со 18:12.
Вториот дел започна одлично за нашите момци и Манасков и Нелоски не спуштија до 19:16. Но Галиа беше несовладлив, а Линарт со четири неодговорени гола ја врати стабилната чешка предност (24:18).
Немаше континуитет на нашиот напад, а и одбраните на голманите исто така заостануваа зад расположениот Галиа. Во 48 минута Ужак погоди за 28:20 и се наѕираше победникот, но прашање беше конечниот резултат.
До крајот „црвените” полесно од предвиденото го завршија мечот со спокој и победа од 35:28. Лазаров со 9 гола и Манасков со 7 се истакнаа во македонскиот табор, а Хрстка со 9 гола беше најдобар кај Чесите. Сепак прво име на натпреварот беше голманот Галиа, кој со серија на одбрани (вкупно 14 интервенции) им овозможи на домаќините убедлива победа.