Убиен е талибанскиот водач Мансур во напад со дрон

0
453

Радикалното исламистичко движење Талибан и авганистанските разузнавачки служби потврдија во неделата дека талибанскиот водач Актар Мохамед Мансур е убиен во напад на американско беспилотно летало на територијата на соседен Пакистан.

Високиот талибански борбен командант мула Абдул Рауф, во неделата изјави дека мула Мансур загинал во воздушен напад во петокот вечерта. Додал дека нападот бил извршен во пограничната област меѓу Авганистан и Пакистан, пренесе Press TV.

Претходно талибаните ја негираа смртта на Мансур. „Немаат основа тврдењата за убиството на мула Мансур со беспилотно летало. Жив е и немаше напад врз него“, изјави во неделата утрото еден од бунтовничките водачи преку апликацијата Telegram за паметните телефони, пренесоа агенциите.

Во меѓувреме кабинетот на авганистанскиот претседател Ашраф Гани го потврди нападот, а неговиот портпарол за Reuters потврдил дека разузнавачките информации говорат оти американскиот напад врз Мансур бил успешен.

„Нападот е извршен во согласност со авганистанските власти. Судејќи според досегашните податоци, нападот е успешен. Сега ги проценуваме потврдите за тоа“, изјавил портпаролот Сајед Зафар Хашеми.

„Нашите надежи и разбирање се дека во светлината на овие случувања авганистанскиот мировен процес ќе резултира со склучување траен мир и стабилност“, додал Хашеми.

Авганистанскиот извршен челник, Абдула Абдула, исто така, потврдил дека Мансур „повеќе од веројатно“ е мртов.

„Мула Мансур загинал вчера во напад во беспилотно летало во Балучистан“, во југозападен Пакистан, се наведува во соопштението од авганистанското разузнавање што го добила агенцијата AFP.

САД и Пакистан сé уште официјално не потврдија дека талибанскиот водач е убиен. Американските функционери веднаш по нападот рекоа тој веројатно е убиен. Портпаролот на Пентагон, Питер Кук, подоцна изјави дека уште траат обидите да се добие сигурна потврда дека тој е ликвидиран.

Мула Актар Мансур официјално го презема лидерството на авганистанските талибани во 2015 година откако беше потврдено дека уште во 2013 година во болница во пакистанскиот град Карачи починал долгогодишниот челник мула Мохамад Омар кому Мансур му беше заменик.

Некои талибански фракции се спротиставуваа на неговото водство, сметајќи дека го контролира Пакистан. Особено се противеше семејството на починатиот мула Омар, но откако најстариот син на мула Мохамад Омар, Мохамад Јакуб, и братот на мулата Абдул Манана беа во април годинава повикани во Рахбари шурата или Советот на водачите, Мансур ја зацврсти својата позиција во движењето.

Коментаторите сметаат дека веста за смртта на мула Мансур ќе претставува потстрек за талибанските водачи кои одбија да му изразат лојалност. Имено, во текот на мировните преговори со авганистанската влада, се зголемуваа разликите меѓу некои од фракциите во талибанското движење. Некои од нив одбраа да војуваат наместо да преговараат со авганистанската влада.

Се стравува и дека изостанувањето на авторитетен челник на талибаните, ја отвора можноста за екстремната џихадистичка групација Исламска држава којашто од минатата година со низа судири се обидуваше да се наметне и етаблира во Авганистан./крај/мф/сн

http://makfax.com.mk