Убиен вториот човек на Исламската држава

0
230

Вториот човек во хиерархијата на џихадистичката терористичка организација Исламска држава е убиен во воздушен напад на американските сили во Ирак, објави Белата куќа.

Фадил Ахмад ал-Хајали, познат меѓу соборците како Хаџи Мутаз, убиен е во напад на американските воздухопловни сили во вторникот, на 18-ти август, во близина на градот Мосул во Ирак, додека со возило се превезувал заедно со оперативецот на Исламската држава за медиуми, познат како Абу Абдула, објави во официјалното соопштение портпаролот на Белата куќа, Нед Прајс.

Смртта на ал-Хајали претставува сериозен удар за сунитската терористичка организација, имајќи го предвид неговото влијание на финансирањето на Исламската држава, оцени Прајс.

Како што тврдат американските власти, ал-Хајали бил главниот координатор во разместувањето на оружјето, експлозивите, возилата и живата сила меѓу Ирак и Сирија, и ги водел операциите на Исламската држава на територијата на Ирак, вклучително и нападот врз Мосул во јуни 2014 година, кога џихадистите го заземаа вториот по големина град во земјата.

Станува збор за поранешен офицер во армијата на поранешниот ликвидиран сунитски ирачки диктатор Садам Хусеин, кој по паѓањето на садамовиот режим, прво ѝ се приклучи на ирачката Ал Каеда од којашто подоцна се создаде Исламската држава, којашто пролетта 2014 година, непосредно пред ненадејната офанзива објави дека поради недоволна жестокост, се отцепува од глобалната терористичка мрежа.

САД и неговите сојузници со месеци наназад вршат воздушни удари врз позициите на Исламската држава во Ирак и во Сирија, на територијата на ткн калифат. Во напад со беспилотно летало во јули беше убиен, исто така, високо рангиран водачот на џихадистите во нивното главно упориште во градот Рака, во истоимената покраина, кој се смета за престолнина на „калифатот“./крај/мф/сн