Ултиматум до Ѓукановиќ, до сабота да поднесе оставка

0
1043

Претседателот на Нова српска демократија, Андрија Мандиќ му даде ултиматум на премиерот Мило Ѓукановиќ до сабота да поднесе оставка, најавувајќи дека во спротивно ќе ја собере цела Црна Гора да ја собори владата.

Мандиќ пред неколку илјади приврзаници, пред зградата на Министерството за внатрешни работи ги повика и коалиционите партнери да ја напуштат власта и да формираат преодна влада.

„До сабота ако не формираат преодна влада и не падне сегашната на Ѓукановиќ, цела Црна Гора доаѓа овде и ние ќе ги симнеме од власт. Им даваме пристоен рок. Ние денеска дојдовме како пратеници, а во сабота ќе ја повикаме цела Црна Гора“, порача Мандиќ, истакнувајќи дека Демократскиот фронт има план врз основа на народната волја.

Мандиќ ова го порача по протестниот марш на повеќе илјади приврзаници од плоштадот Република до зградата на МВР. Протестниот марш беше организиран поради акцијата на полицијата во која беа тргнати шаторите и бината пред Парламентот по 20 дена протест на приврзаниците на Фронтот.

Според Мандиќ, во неделата вечерта се собрале преку десет илјади луѓе, додека според неофицијалните проценки на полицијата имало две и пол до три илјади. Демонстрантите носеа црногорски и српски знамиња, а пред почетокот на протестот им се придружи и групата која ја предводел извршниот директор на ЛГБТ Форумот Прогрес, Стеван Миливоевиќ.

Демонстрантите се собраа околу 19 часот на плоштадот Слобода, за потоа да формираат колона предводена од приврзаници на Фронтот и независните пратеници Младен Бојаниќ и Обрад Гојковиќ, скандирајќи „Мило лопов“ и „убиец“.

Сериозните тензии почнаа при минувањето низ булеваорт „Свети Петар Цетински“ и покрај зградата на Парламентот и претседателството, кои беа опколени со силни полициски сили.

Додека колоната скандирајќи минувала низ булеварот, редарите спречиле дел од демонстрантите да дојдат до металната ограда и да се судрат со полицијата.

Тензиите повторно пораснаа пред зградата на МВР, кога лидерите на Фронтот и редарите, едвај спречија дел од младите демонстранти да се приближат до кордонот на полицијата опремена за разбивање на демонстрации.
Иако Мандиќ ги повика да не ги допираат полицајците „кои се наши браќа“, првите камења беа фрлени при враќањето на колоната кај зградата на Министерството за надворешни работи .

Дел од демонстрантите почнаа и пред Парламентот да гаѓаат по полицајците со шишиња и камења, откако кон масата беше истрелан солзавец. Демонстрантите потоа продолжија кон плоштадот Република, каде лидерите на Фронтот ги повикаа да се разотидат.

Поради полициска бруталност кон демонстрантите, реагираа стотици граѓани./крај/мф

Без коментари

LEAVE A REPLY