Умре и напаѓачот во швајцарскиот воз

0
760

Дваесет и седумгодишниот Швајцарец кој во саботата го изведе нападот во воз во швајцарскиот кантон Сент Гален, починал во болница во неделата од здобиените изгореници, соопшти кантоналната полиција, откако претходно беше објавено дека починала 34-годишната жена повредена во нападот, и оти во критична состојба се уште две од петте жртви кои се повредени со нож и оган.

Во критична состојба е шестгодишно девојченце и 17-годишна девојка, од здобиените изгореници од огнот кој со запалива течност во возот го предизвикал напаѓачот.

Пет лица, уште една жена на 43 години, 17-годишно момче и 50-годишен маж, се повредени во нападот кој се одигра во саботата рано попладнето во возот кој влегувал на станицата Салез на линијата меѓу Бушес и Санвлад во кантотнот Сент Гален во североисточна Швајцарија. Пет лица се здобиле со убоди со нож и изгореници, додека шестата жртва е хоспитализирана поради вдишување чад кога се обидела да им помогне на загрозените.

Полицијата во рамките на криминалистичката истрага го пребарала домот на напаѓачот во соседниот кантон и не ги објави наодите, но соопшти дека нема показатели кои би укажувале дека мотивот за злосторството е тероризам. „Мотивот уште не е јасен. Засега не можеме ништо да кажеме“, се наведува во соопштението на полицијата на кантонот Сент Гален.

Самиот напаѓач бил тешко изгорен во пожарот кој самиот го предизвикал со запалива течност со којашто ги испрскал и патниците. Врз основа на прегледаните снимки, полицијата смета оти напаѓачот, кој нема криминално минато, дејствувал сам. Бил опериран во саботата, но во неделата умрел.

Едно од лицата кои се здобиле со повреди е мажот кој од перонот на железничката станица Салез скокнал во возот и го извлекол напаѓачот чија облека горела. „Со таа интервенција, без сомнение, го спречил најлошото“, изјави портпаролот на полицијата Бруно Нецгер,

Жената, којашто претходно во неделата им подлегна на повредите, е патничка во возот чијашто облека била најмногу натопена со запаливата течност, но полицијата не може да потврди дека таа била целта на напаѓачот. Полицијата, исто така, засега одбива да ги објави идентитети и националноста на жртвите. /крај/мф/сн