УНЕСКО загрижен за проектите на Охридско eзеро

0
236

На 40-то заседание на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Истанбул и официјално беше искажана загриженоста за иднината на охридскиот регион и неговото природно и културно наследство под напливот на големиот број планирани т.н. „развојни проекти“, па невладините организации предводени од Фронт 21/42“ повторно ја реафирмираат меѓународната петиција за заштита на Охрид и езерото.

Од УНЕСКО било јасно потенцирано дека Охрид наредната година може да се најде на листата на градови во опасност, која е само еден чекор пред одземањето на статусот на светско културно наследство на овој македонски град.

На он-лајн петицијата во изминатиов период се потпишани над 16.000 лица од целиот свет, кои бараат од македонскиот премиер и од останатото државно раководство да се повлече од намерата за реализација на проектите, вклучувајќи го експресниот пат Охрид – Пештани преку Галичица, скијачкиот центар на Галичица, новата елитна населба во Студенчишко блато и туристичко-развојната зона во Љубаништа.

„Ние имаме право и должност да го заштитиме наследството и да го пренесеме на идните генерации, не само во Македонија, туку и на следните генерации во светот. Затоа ја започнавме оваа кампања, и бараме мораториум на овие деструктивни проекти и целосна имплементација на законот за управување со природното и културното наследство на Охрид“ се вели во петицијата.

www.mkd.mk