Унгарија ја затвори границата со Хрватска, бегалците одат преку Словенија

0
255

Унгарија синоќа на полноќ ја затвори „зелената“ граница со Хрватска. Ќе работат само официјалните премини, и тоа со построга контрола, а Загреб ги пренасочува бегалците кон Словенија.

По затворањето на границата со Србија, Унгарија ја затвори и границата со Хрватска. Првите автобуси со бегалците од Хрватска утринава пристигнале на двата гранични премини со Словенија.

Според неофицијални информации, групите бегалци од Хрватска ќе пристигнуваат во Словенија на секои шест часа.

Според полициските податоци, Словенија има капацитет да се смести околу 7.500 бегалци, што е малку повеќе од бројот на бегалците што секој ден пристигнуваат во Хрватска од Србија.

Портпаролот на Владата на Унгарија за Франс прес изјави дека земјата ја затворила својата граница со Хрватска само за економските мигранти.

Оние со валидни документи и оние што аплицираат за азил сè уште можат да влезат во Унгарија на официјалните гранични премини.

Австриската новинска агенција АПА објави дека Австрија од вечерва планира да ги засили контролите на границата со Словенија.

Без коментари

LEAVE A REPLY