Унгарија нема да прифати некој да го блокира патот на Србија во ЕУ

0
243

Унгарија нема да прифати некој поради било какви причини да го блокира пристапувањето на Србија кон Европската унија (ЕУ), изјавил унгарскиот премиер Виктор Орбан, по средбата со српскиот колега Александар Вучиќ во понеделникот во Белград, пренесуваат српските медиуми.

Според Орбан, „единственото мерило“ во овој процес се обврските кои некоја држава ги има во процесот на евроинтеграциите.

„Тоа мора да биде одлучувачко, а не дали самата интеграција му се допаѓа на некого или не“, рекол Орбан, додавајќи дека на својот домаќин му порачал дека Унгарија ќе истрае во своите намери бидејќи и Будимпешта на патот кон Унијата минувала низ различни фази на поддршка и отежнување на евроинтеграциите.

„Засега јас не знам што да ви понудам, отколку тоа да бидете што поблиску до Унијата, а не сакам да говорам дали има настојувања Србија да се спречи да стане членка на ЕУ или, пак, да и се отежни тој пат“, рекол унгарскиот премиер.

Тој се осврнал и на мигрантската криза  и можното влошување, додавајќи дека „државите од Европа треба да бидат подготвени на тоа“.

„Во наш интерес е никој на илегален начин да не влезе во Србија, со тоа се зголемува и безбедноста на Унгарија. Не е ни интерес на Србија за 10 илјади луѓе да бидат блокирани во земјата“, порачал Орбан, додавајќи дека „Унгарија нема да направи ништо со што би ја загрозила Србија“./крај/мф/бс